Монодрамата „Вирџина“, според текстот на Душан Јанковиќ, во изведба на Марта Ќераниќ, е приказна која ни го открива животот и интимата на една вирџина, која морала да го понесе тешкото бреме на одлуките што другите ги донеле наместо неа. Оваа монодрама не се занимава само со феноменот на вирџините, туку го истражува неискажаното, личното и суштинското во една жена која морала да ја игра улогата на маж. Ова е приказна за идентитетот, силата и непоколебливоста на едно женско дете во одреден историски период во Црна Гора. Текстот „Вирџина“ е создаден како потреба од постојано преиспитување на феноменот карактеристичен за нашиот регион, но и од желбата на поинаков начин да му се пристапи на феноменот кој со децении ја привлекува нашата фасцинација. Земајќи ги предвид општествените околности, улогата на патријархатот во општеството и положбата на жената, овој текст има цел, пред сè, да ја деконструира општествено прифатената призма низ која ги набљудуваме вирџините.
Скрол: север/југ · Shift: запад/исток · Ctrl/⌘: зум